ДЕВИНИ КУЛИ
ДЕВИНИ КУЛИ
Доколку сте за патување во средниот век во Македонија и за совршена комбинација на природни убавини, река, пештера, тврдини, историја, легенди и убава храна, тогаш Девини кули и Пешна се местата кои задолжително треба да ги посетите.
Девини кули се наоѓаат во срцето на Македонија, во непосредна близина на Македонски Брод, поточно на приближно 7 километри кога се движите во насока кон Самоков. Тврдината се наоѓа на рид што се издигнува скромни 75 метри над реката Треска. Не може, а да не се забележи главната кула на ридот. Сведок за историското значење на областа се и легендите дека токму тука живееле две од четирите сестри на Крали Марко, Дева и Пеша.
Првата живеела во кулата, како најсилно бранета тврдина во целиот регион, а другата живеела во тврдината во пештерата. Колку има вистина во легендите никогаш нема да се знае, но неспорно е дека најголемиот процут областа го доживуваат токму во периодот кој се поклопува со владеењето на Крал Марко. Иако изгледа доста блиску, главна пречка за да се стигне до кулите е реката Треска, попозната во минатото како Велика. Едниот пристап е преку селото Девич каде што постои и мост, а другата варијанта е да се прегази реката. Сепак мора да се има предвид дека реката може да има доста висок водостој и да не може да се премине лесно. Централно место на највисокиот дел на ридот има камената кула со зачувана висина од околу пет метри. Оттука се отвора најубавиот поглед кон отворот на пештерата Пешна. Најдобро се гледа грандиозноста на пештерата. Изгледа чудно, невистинито, па дури и страшно.
Во подножјето на ридот, непосредно до реката, се наоѓа и црква за која се претпоставува дека е изградена во 14 век. Црквата не може лесно да се забележи и од тие причини е многу ретко посетувана. Иако мала, црквата е прекрасно градена. За жал, не се зачувани никакви фрески, дел од покривот е веќе срушен под дејство на атмосферските влијанија и е неопходна интервенција за зачувување на овај бисер скриен од очите на туристите.
Извор: http://ekonomijaibiznis.mk