Пештера – Овчарска
Пештера – Овчарска
Овчарска Пештера е лоцирана од левата долинска страна на Слатинска Река. Влезот е на 579 m надморска височина или 23 m над речното корито на споменатата река. Тој е на 16 m оддалеченост од влезот на пештерата Слатинска 2, и околу 120 метра од локалниот пат с.Слатина-с.Горно Крушје.
Влезот на пештерата е полукружен и наликува на поткапина. Неговите димензии се: должина 4.5 m и височина 1.6 m.
Пештерата има две нивоа. Првото ниво е долго 74 m, ориентирано во вравец ЈЗ-СИ и е поделено на две речиси кружни сали. Првата сала има димензии 13×8.5 m и височина 4.5 m, а димензиите на втората сала се 10×13 m и височина 6 m. Ова пештерско ниво претставува археолошко наоѓалиште кое е во фаза на истражување. Последните 30 m од нивото претставуваат пештерски канал чија широчина е 1.5 m, а височината е 1 m. На неговиот под има вертикална пукнатина со димензии 2×1 m и длабочина од 14 m која ги поврзува двете пештерски нивоа.
Еден дел од пониското пештерско ниво ја има истата ориентација како и повисокото ниво. Три поголеми пештерски канали го сочинуваат ова ниво. Едниот канал има југозападна експозиција и има форма на пештерска сала со димензии 10×5 m. Вториот канал е ориентиран кон североисток, долг е 85 m, широк 1-2 m, а висок 1.5 m. Третиот канал има правец југозапад-југ-југоисток, долг е 40 m, а нјголемата височина е 12 m. Вкупната должина на пештерата Овчарска Пештера е 268 m, со висинска разлика меѓу највисоката и најниската точка од 28 m. Според одликите на пештерските канали (Palmer, 1991) пештерата припаѓа на групата разгранети пештери, а само мал дел претставува лавиринт.
Најкарактеристични микро форми на повисокото пештерско ниво се таванските џебови, а потоа чиниите и еден прозорец. На пониското пештерско ниво потешко може да се рекогносцираат пештерските микро форми поради сурнатите блокови и покриеноста на ѕидовите со пештерски украси. Евидентирани се неколку лончиња и ниво на воден хоризонт. Сите наведени форми посочуваат дека пештерата е формирана од вода што течела. Сепак најдобро сочуваните форми се басените во кои подолг временски период имало мирна, стоечка вода. Ова посочува дека во еволуцијата на пештерата имало фаза кога низ неа имало речен тек кој на повисокото ниво најверојатно постоел за време на глацијалот Вирм, фаза со мирна вода која е помлада и фаза на пресушување на водата.
Во првата пештерска сала, на повисокото пештерско ниво, е евидентиран земјен материјал внесен од надворешноста на пештерата, додека во втората сала карактеристичен е глинест материјал. Еродирани карпести блокови се евидентирани во пониското пештерско ниво. Овој материјал е застапен на места каде таванските пукнатини се пресекуваат.
Пештерските седименти на повисокото пештерско ниво речиси и да не се застапени. На пониското ниво се застапени украси кои се формираат од вода што капе (сталактити, сталагмити, пештерски столбови и драперии). Највисокиот столб е со височина од 14 m и истиот е лоциран кај пукнатината која ги поврзува двете пештерски нивоа. Веднаш до него има сталагмит со височина од 7 m (Gičevski, 2008).
Извор https://nature.mk
Галерија
Слики: “Урсус Спелеос”