“Слатински Извор” – Најдолгата пештера во Македонија

“Слатински Извор” – Најдолгата пештера во Македонија

Како за спелеолозите така и за сите љубители на природата, еден од најинтересните простори во Македонија е долината на Слатинска Река – левa притока на Треска. Се наоѓа во областа Порече и територијално припаѓа на општина Македонски Брод. До долината се стигнува на неколку начини: преку регионалниот пат Скопје – Гостивар – Кичево – Македонски Брод (во должина од 160 km); преку Велес – Прилеп – с.Слатина (во должина од 190 km) и од Скопје преку заштитеното подрачје Јасен (во должина од 84 km со дел на макадамски пат). Западната граница на Споменикот на природата „Слатински Извор“ е гребенот на планината Песјак (Јошков Камен, 1917 m), северната граница е ридот Баба, јужната граница е ридот Габер и источната е реката Треска.

Слатински Извор

Создадена е во доломитски мермери со проблематична старост. Пештерата е сочинета од еден долг канал од кој во неколку правци се разгрануваат подолги и покуси канали[4]. Досегашната вкупна и истражена должина на пештерата изнесува 800 метри, од кои 705 метри припаѓаат на главниот пештерски канал. На одделни места од главниот канал доминираат пештерски столбови и сталактити, а во најголемата пештерска сала (20 х 15 м) создадени се и поголеми сталагмити.

Истражена должина на пештерата изнесува 800 м, но досега е познато дека е долга повеќе од 4 км. На одделни места од главниот канал преовладуваат пештерски столбови и сталактити, а во најголемата пештерска сала создадени се и поголеми сталагмити. Во пештерата протекува понорница во должина од 557 м, а исто така во неа се создадени и помали травертински езерца во кои е утврдена присутност на пештерски ракчиња, како и огромно зелено пештерско езеро.

 

Влезот на Слатински Извор од каде прв пат е пристапено во внатрешноста

Извор: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=73346051

Според должината, разновидната внатрешност и местоположбата, пештерата Слатински Извор има извонредни можности за туристичка намена.

Во склоп на СП „Слатински Извор“ се наоѓаат населените места: село Слатина, село Горно Крушје и село Долно Крушје. СП „Слатински Извор“ припаѓа на 2 геотектонски единици: Пелагониски хорст антиклинориум и Западномакедонска зона.

Првата тектонска единица се наоѓа во источниот дел од заштитеното подрачје и таа е изградена од доломитски мермери со прекамбриумска старост.

Втората тектонска единица се наоѓа во западниот дел од подрајчето и е изградена од шкрилци со палеозоиска старост. Двете тектонски единици се одвоени со регионален расед, а во поширокото подрачје се евидентирани неколку покриени или „замаскирани“ раседи.

Најголемото богатство на СП „Слатински Извор“ се преубавите и големи пештери. Имено, овде се истражени 5 пештери:
Горна слатинска,
Слатинска 2,
Пурало,
Овчарска и
– Слатински Извор – најдолгата пештера во Македонија (4км)

Слатински Извор
Слатински Извор Мапа

Пештерата Слатински Извор е најдолгата пештера во Република Македонија со должина од дури 4 km. Нејзиниот влез е на 521 m надморска височина. Низ најголем дел од пештерските канали тече река, а на еден од влезовите од пештерата е формиран карстниот извор Слатински извор. На околу 1 km од влезот на пештерата има и мало пештерско езеро. Во оваа пештера, на околу 2 km од влезот на пештерата се евидентирани пештерски украси – корални сталактити кои единствено се јавуваат во оваа пештера. Врз основа на должината на пештерата, морфолошките и хидролошките карактеристики, пештерата Слатински Извор од 2004 година е на Привремената листа на УНЕСКО за светско природно наследство. Поради наведените одлики пештерата и нејзината околина се заштитени како споменик на природа наречен „Слатински Извор“.

На територијата на заштитеното подрачје покрај подземните карстни форми, интересен пејсажен амбиент претставуваат и површинските текови Слатинска Река, Крушевска и Марковска Река. На Марковска Река има и мал слап, кој е интересен за туристички посети. На територијата на СП „Слатински Извор“ се наоѓа и солен извор наречен “соленица” по кој и селото Слатина го има добиено своето име. Во минатото водата од изворот била користена за месење на леб па затоа изворот бил и чуван од страна на локалното население. Меловите претставуваат интересна релјефна форма која била изменета од страна на човекот, поради експлоатација на железна руда во минатото.

Слатински Извор – Внатрешност

Управител на СП „Слатински Извор“ е Истражувачкото друштво “Урсус спелеос” – Скопје (ИДУС) кое е невладина организација формирана во 2001 година. Нејзината основна дејност е спелеологијата како интердисциплинарна наука, како и преземање на активности за грижа, унапредување и одржување на животната средина, поттикнување на иницијативи и активности кои придонесуваат за заштита, одржување и унапредување на животната средина, со посебен акцент на карстните подрачја. Во склопот на СП „Слатински Извор“ исто така функционира и Истражувачки центар кој служи како база за научни и спелеолошки истражувања на пештерите и природните убавини во регионот. Со таа цел посетите на пештерите во СП „Слатински Извор“ се со најавување поради заштита и спречување на неконтролиран влез и уништување на природното богатство.

Погледнете што снимија во внатрешноста на пештерата Слатински Извор, спелеолозите од ИД Урсус Спелеос.

Универизтетот Гоце Делчев од Штип во соработка со ИД Урсус Спелеос ги испитаа хидро-геолошките карактеристики на изворската пештера „Слатински извор“, погледнете го видеото што следи.