Поречани во петок со блокади поради неизградениот пат кон Скопје
Поречани во петок со блокади поради неизградениот пат
Поради повеќедецениско нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат меѓу населените места во рамките на Општината Македонски Брод и Скопје, граѓанските здруженија од Поречкиот регион и повеќе совети на месните заедници во рамките на општината донесовме одлука да го искористиме своето демократско право и да изразиме граѓанска непослушност со тоа што ќе биде организиран протест, со неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 во правец на село Батинци спрема шумскиот резерват „Јасен“ и на патот од селото Нова Брезница до браната Козјак, соопштија во средата од Здружението на граѓани „Поречки средби“.
Жителите во рамките на општината Македонски Брод, исто така, ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат огромниот револт кон Владата и институциите кои мораат, а немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот и работа.
Исто така, во знак на протест ќе биде блокиран и булеварот „Борис Трајковски“ пред раскрсницата со улицата „Јустинијан Први“ во насока на село Драчево.
„Сакаме да нагласиме дека досега во повеќе наврати поднесовме барања до Владата на Република Македонија, Генералниот секретаријат на Владата и Кабинетот на Премиерот, како и до ЈП за Државни патишта и до Министерството за транспорт, а одржавме и средби со надлежните институции во врска со нашето барање за решавање на овој за нас исклучително важен проблем“, велат од одборот.
Потетуваат дека од Скопје до Самоков и многу околни села сé уште се стига само низ резерватот „Јасен“, и тоа само во три тремина во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по необезбеден пат широк само 2,5 метри и овој пат е прогласен за регионален пат кој ни најмалку не ги задоволува стандардите и е крајно ризичен за сообраќај на моторни возила со таков интензитет. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 километри преку Кичево до Скопје. Тоа претставува вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и шест викенд населби, каде што постојано се градат викенд куќи.
Иако со изградба на акумулацијата „Козјак“ беше најавено пробивање две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и ќе се остварат елементарните човекови права на жителите од Поречието, ова остана само на хартија.
Постоење основна инфраструктура е од иклучителна важност за социјалниот и економскиот развој на општината Македонски Брод, особено за развој на туризмот, за што има навистина сериозни претпоставки.
Во сите досегашни дописи и реакции до надлежните институции, Здружението укажало дека непостоењето регионален пат резултираше со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвика целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион. Од овие причини Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиените општини во Македонија, што исто така резултираше со големо осиромашување на населението.
„Ние, жителите од Поречието, се чуствуваме како граѓани од втор ред во државата и излегува дека ниту Владата, ниту институциите не водат сметка за интересите на граѓаните, што е всушност и нивна обврска и затоа се чуствуваме навредени од крајно игнорантскиот однос на институциите кон нас со години наназад.
Токму затоa, очекуваме нашето барање да биде најитно разгледано и прифатено на начин што изградбата на овој регионален пат ќе влезе во програмата на ЈП за Државни патишта уште во оваа година и во најкраток можен рок ќе започне изградбата на патот“, наведуваат од Здружението на граѓани „Поречки средби“
ГИ ИНФОРМИРАМЕ МЕДИУМИТЕ И ЈАВНОСТА ДЕКА НА ВЧЕРАШНИОТ СОСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ НА ПОРЕЧКИОТ РЕГИОН Е ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА МАСОВНИ ПРОТЕСТИ И БЛОКИРАЊЕ НА ГОРЕНАВЕДЕНИТЕ УЛИЦИ И НА РЕГИОНАЛНИОТ ПАТ 1106 НА ДЕН 25.06.2021 (ПЕТОК) ВО 11 ЧАСОТ.
Извор https://netpress.com.mk