ПОРЕЧЕ (1944-1945)

ПОРЕЧЕ (1944-1945)

Втората светска војна за Македонија претставуваше нова окупација со која наместо дотогашната големо-српска се замени со Бугарска и Италијанска окупација.

Територијата на Порече беше под бугарска окупација, но во исто време претставуваше и погранична територија помеѓу бугарската и италијанската окупаторска административна граница. Желбата за зачувување на окупираната територија, но во исто време и постојаната амбиција на Бугарија да ја прошири окупираната територија претставуваше причина за присуство на зголемен број на бугарска војска и полиција во Порече.

Споменик на паднатите борци од НОБ во Македонски Брод

Од средината на 1942 година на територијата на Порече се создаде база на четничката организација која дејствуваше и помеѓу населението ширеше прочетничка и големосрпска пропаганда. Голем број од селаните кои поради теророт на бугарската војска и одбивањето да служи на окупаторот како и под присилно спроведуваната мобилизација беа принудени да ги напуштаат своите домови. Дел од нив ја преминуваа демаркационата линија и пребегнуваа на територија под Италијанска окупација, а еден дел од нив се засолнуваа во шумите во Порече. Поголем дел од луѓето кои се криеја од бугарската полиција, заради преживување и поголема безбедност се групираа и се приклучија кон групата која ја организираа пропагаторите на четничката организација. Тие во контактите со поединците при нивното приклучување во четничката група ги убедуваа дека нивна цел е да формираат поголема воена единица која ќе го заштитува населението и ќе се бори за ослободување на Порече од бугарска окупација. Поголем дел од членовите на т.н. четничка организација во Порече не беа свесни за вистинските цели на раководството на групата. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, во Западна Македонија се создадоа услови за развој на Народноослободителната борба и за зголемување на партизанските единици. Повлекувањето на Италијанските војници овозможи формирање на слободна територија во Западна Македонија на која формираните партизански единици имаа можност да дејствуваат помеѓу населението, да го запознаат со настаните во војната и да го повикаат на масовно приклучување во народноослободителната војска. Есента, 1943 година имаше прилив на голем број нови борци со што се создадоа поголеми партизански единици кои беа подготвени да преземаат и поголеми борбени дејствија и да дејствуваат на поголема територија. Покрај развојот на НОБ и ПОМ во текот на ноември 1943 година се формира и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ кој дејствуваше во правец на организирање и формирање на нови органи на народна власт и организирање на АСНОМ како највисок орган на идната народна власт на Македонскиот народ.

Во согласност со развојот на настаните Главниот штаб на НОБ и ПОМ на Македонија донесе одлука за развивање и проширување на народноослободителната борба на Македонскиот народ во сите краеви од Македонија. За таа цел есента 1943 година повеќе партизански единици навлегуваа на територијата под бугарска окупација преземајќи борбени акции, со што населението имаше можност да ја согледа силата на НОБ и ПОМ. Ваквата активност создаваше уверување и надеж кај македонскиот народ за скорешно ослободување и создавање слободна и независна Македонска држава.

Особено важно за исполнување на овие цели беше реализирањето на Февруарскиот поход, со кој беше опфатена скоро целата територија на Македонија. Една од целите на овој поход беа териториите на Азот и Порече каде дотогаш немаше видлив развој на НОД. Иако ваквата задача на Првата македонско – косовска бригада не беше во целост реализирана, сепак дел од бригадата навлезе во неколку села во Порече во кои преку несебичната помош на партизаните се согледа определбата на Поречани и силната поддршка кон Народноослободителната борба.

Се до втората половина на август, кога Петтата прилепска бригада доби задача да ја разгори народноослободителната борба, во Порече немаше поконкретни активности и вооружени дејства против бугарскиот окупатор.

Со навлегувањето на Прилепската бригада во Порече почнуваат и првите посериозни борбени акции против бугарската војска и полиција.

И покрај завршувањето на борбите во Порече, голем број Поречани се приклучија во НОБ и учествуваа во борбите против балистите кои се водеа во околината на Порече, но и во другите краеви за ослободување на Македонија. Исто така многу борци од Порече учествуваа во борбите за ослободување на Југославија на Сремскиот фронт и други делови во Хрватска, Босна и Словенија.

Со масовното учество во НОБ и со околу 195 жртви, Поречани дадоа голем придонес во НОАВ и ослободувањето на Македонија и ја потврдија определбата и заложбата за создавање на слободна и самостојна држава.

По ослободувањето и протерувањето на бугарската војска, во Порече следеше период на формирање на Народноослободителни одбори (НОО) како органи за создавање на нова народна власт.

До крајот на 1944 година во Порече се создадоа сите селски и општински НОО и околискиот НОО во Македонски Брод. Сите органи на новата народна власт се организираа и функционираа во согласност со упатствата и новите законски одредби на Президиумот на АСНОМ.

Во текот на 1945 година НОО продолжија со изградба на народната власт и организирање на животот во Порече.

Со тоа започна еден нов период од историјата на македонскиот народ и градење на ново општество во кое дел од македонскиот народ се стекна со државност но и слобода во изразувањето на македонскиот идентитет.